L-Carnitine (Л Карнитин) е амино киселина која се внесува преку исхраната, но се продуцира (создава) во бубрезите и црниот дроб кај човекот со синтетизирање на амино киселините methionine и lysine. Карнитин се содржи скоро во секој тип на храна но најмного го има во месото, и тоа црвеното месо, додека помалку во белото месо вклучувајќи ја и рибата.
Оваа амино киселина учествува во многу биолошки процеси во организмот од кои некои денес се добро познати, а многу други се во фаза на истражување од страна на научниците.
Карнитинот ја има улогата на транспортер на масните киселини до митохондрите во кои согоруваат (оксидираат) истите за да се добие енергија. Ова е најважната улога на L-Carnitine, па токму затоа денес е еден од најзастапените и најкористените суплементи за согорување на мастите. При процес на намалување на масното ткиво, потребно е овој транспортер да биде на дофат на масната киселина за да истата може да биде пренесена до ложиштето (митохондријата). За ефикасно и интензивно топење (согорување) на масти потребно е доволна концентрација на карнитин во мускулите. Л-Карнитин може да се внесе преку исхраната во задоволителна количина и во тој случај нема потреба од дополнително негово внесување преку суплементација. Но не секоја индивидуа или личност може да го задоволи организмот со карнитин преку исхраната.
Потребата на L-Carnitine зависи од брзината на метаболизмот и дефицитарноста на шеќер во мускулите и мозокот кој се одвива во одреден организам. Но брзината на метаболизмот и дефицитарноста на шеќер се тесно пропорционално поврзани. При состојба на дефицитарност на шеќер (калориски дефицит) во организмот неопходно е метаболизмот да работи побрзо за да се справи со стресот, предизвикан од кризната ситуација за недостаток на шеќер во организмот. Доколку пациентот е во фаза на дефицитарност на шеќер (слабеење), одредени хормони ги активираат соодветните рецептори за да се катабилизираат мастите (триглицеридите), сместени во масните клетки (адипоцитите). Тогаш се јавува голема потреба од L-Carnitine, за да се овозможи транспорт на масните киселини (добиени од распаѓањето на триглицеридите) до ложиштата (митохондријата) на клетките. Ако во овој случај нема на достапност доволна количина на карнитин, согорувањето на масните киселини ќе оди побавно, а со тоа и намалувањето на поткожните масти исто така ќе оди побавно. Затоа во ваквите случаеви кога метаболизмот работи забрзано или пак е во фаза на калориски дефицит, се препорачува конзумирање на карнитин како додаток во исхраната, односно преку суплемент.
Доколку пак пациентот се наоѓа во фаза на вишок на шеќер (калориски суфицит), метаболизмот во тој случај работи бавно. Тогаш организмот се наоѓа во зона на удобност каде одредени хормони даваат импулси за складирање на вишокот шеќер како резерва за енергија и тоа преку конвертирање на истите во масни киселини и нивно рекомбинирање во триглицериди (масти) кои пак се складираат во поткожните бели масни клетки. Во ваков случај пациентот нема потреба од конзумирање на L-Carnitine како додаток во исхраната, бесполезно е! Исто така нема потеба од дополнително земање на ваков суплемент и кога органзимот се наоѓа во ситуација на “стагнирање“ на мастното ткиво, односно кога пациентот внесува приближно онолку шеќер колку што троши.
Втора битна особина на л-карнитинот е неговата способност да ја неутрализира млечната киселина со што се овозможува зголемување на издржливоста за време на напорни тренинзи (или било каква напорна работа) т.е. намалување на заморот. Ова е така бидејќи млечната киселина (lactic acid) предизвикува закиселување на крвта, односно намалување на pH вредноста во крвта која го дава чувството на замор. Според исражувањето на поголем дел на испитувања може да се каже дека со задоволителна количина на карнитин во мускулите се зголемува нивната издржливост за околу 10%.
Л-Карнитинот како суплемент е доста безбеден за конзумирање без никакви несакани ефекти. Единствениот несакан ефект што може да се појави со користење на овој суплемент е бесполезното трошење пари доколку корисникот/пациентот нема вистинска потреба од негово конзумирање! Ваков суплемент може да се комбинира со термогеник (забрзувач на метаболизам) само во одредени случаеви, но не секогаш. Затоа доколку не сте сигурни во тоа што го правите се препорачува консултација со стручно лице.