“Човечкото тело е најкомплицираниот систем досега создаден. Колку повеќе учиме за него, толку пoголема благодарност имаме за тоа каков систем на достигнување е.“ - Bill Gates
Кофеин - Што е тоа, Како дејствува, Корисни и Несакани Ефекти?

Кофеин (Caffeine) е најшироко користена дрога во светот. Се работи за мало соединение – хемикалија која предизвикува физиолошка промена во нашето тело, односно промена со која се менува хомоестазната состојба во телото. Настанатата физиолошка промена, предизвикана од кофеинот не прави нас да бидеме “супериорни“  во период од 2 до 6 часа после конзумирање на ефективната доза од истиот. Оваа “состојба на супериорност” кај човечкиот организам произлегува од зголемената будност, зголемената брзина на размислување/резонирање, зголемената самодоверба, зголементата креативност, зголемената способност за учење, зголемената моќност и сила на скелетните мускули, ублажувањето на болката, … Но како и сите дроги, кофеинот е “меч со две острици“, односно покрај овие позитивни ефекти, предизвикува и несакани (штетни) ефекти како што е зголемениот крвен притисок, зголемено ниво на шеќер во крвта, забрзан откуцај на срцето, потиснување на работата на имунолошкиот и дигестивниот систем, загуба на меморија, нервоза, немир, вознемиреност, несоница, зависност, како и индиректна појава на разни болести.

Денес преку 90% од населението редовно користи кофеин преку кафето, чајот, освежителните/енергетски пијалоци и чоколадата, а поретко се внесува и преку разни лекови и спортска суплементација. Во природата најголема содржина на кофеин е пронајдена во кафе гравот, семето од гуараната, какаото, зелениот чај, црниот чај и улонг чајот. Кафе гравот (coffee beans) е најчесто користениот извор на кофеин од каде што е добиено и името на истиот. “Кафе грав“ всушност се нарекува семето од растението “Coffea plant”. Денес со соодветни приготвувања и обработка на кафе гравот постојат разновидни пијалоци т.н. “кафиња“. Преку 90% од возрасните го користат ефектот на супериорност преку конзумирање на кафето. Со соодветна обработка кофеинот се изолира од кафе гравот како посебна состојка за да може соодветно да се интегрира во некој освежителен пијалок, лек, или спортски суплемент. Вака изолираниот кофеин се нарекува дехидриран кофеин (caffeine anhydrous), односно кофеин без вода (со минимална количина на вода од 0,5%), затоа што сам по себе во природата кофениот се наоѓа во хидрирана состојба. Хидрирана состојба се мисли на тоа дека кофеинот пронајден во растенијата е врзан за вода, односно молекулата на кофеин е врзана за молекули на водата преку соодветна хемиска врска. Но како оваа супстанција носи позитивни и негативни ефекти врз физиологијата на нашето тело?

Кофеинот е всушност стимулатор на централниот нервен систем т.е. CNS stimulant. Но што всушност значи тоа?

Кофеинот дејствува како антагонист (блокатор) на рецепторот на невротрансмитерот аденозин (adenosine). Ова значи дека кофеинот успешно се врзува за рецепторот на аденозинот, но без никакво дејство на активирање на истиот. Доколку овие рецептори бидат активирани, во невроните (нервните клетки) се остваруваат соодветни биохемиски процеси кои овозможуваат смирување (потиснување) на работата на истите, односно оневозможување на обработка/интегрирање и пренос на нервните импулси. Ова всушност се случува кога е време за спиење. Со концентрацијата на аденозинот се контролира циклусот на будност-спиење. Всушност со самото наше будење концентрацијата (количината) на аденозин е минимална, но во текот на денот постепено се зголемува така што пред заспивање неговата концентрација е најголема. Со внесување на кофеин ние всушност го надразнуваме (возбудуваме) централниот нервен систем така што во зависност од периодот и количината на дозата ние или го продолжуваме периодот на будност или го зголемуваме степенот на будност. Во зависност од големината на степенот на будност зависи и концентрацијата на одредени хормни и невротрансмитери. Но кои се тие хормони/нервотрансмитери и како истите се поврзани со степенот на будност?

При конзумирање на кофеин се блокираат аденозин рецепторите со што се намалува активирањето на аденозин рецепторите, а со тоа и потиснува смирувањето на работата на невронот. Ова значи дека невроните работат поактивно/поагресивно. Кога имаме зголемување на работата на невроните, во посебниот дел од централниот нервен систем наречен хипоталамус, се излачува ослободувачкиот хормон т.н. кортикотропин (corticotropin realising hormone – CRH). Овој хормон дејствува на соодветни рецептори од хипофизата со цел да предизвика излачување на друг хормон т.н. адренокортитропин (adrenocortitropic hormone – ACTH). ACTH хормоните пак, дејствуваат на соодветна стимулација на адреналната жлезда (надбубрежната кора) да излачува стрес хормони. Постојат повеќе стрес хормони, но како најбитни ќе ги издвојам кортизолот и адреналинот (епинифрин). Овие стрес хормони ги носат претходно-наведените позитивни и негативни ефекти од конзумирањето на кофеинот.

При нормална работа на човечкиот организам овие хормони нагло се излачуваат само при стерсни ситуации. Тогаш тие преку соодветни рецептори дејствуваат на одредени клетки со цел да нашиот организам се подготви за соодветна адаптација кон промената на животната средина. Стресот е всушност секоја доволна промена на животната средина која може да предизвика чувство на непријатност/вознемиреност. За да се одбрани или адаптира организмот од настанатата сресна ситуација, стрес хормоните брзо го подготвуваат организмот во неговата најмоќна состојба т.н. “состојба на супериорност“. Адреналинот е тој кој првично предизвикува забрзување на работата на срцето и контракција (стеснување) на крвните садови со цел да се зголеми протокот на крв, а со тоа и да се овозможи работа на скелетните мускули и мозокот со поголема моќност т.е. забрзана размена на хранливи материи. Исто така адреналинот ги релаксира ткивата од белите дробови, односно ги проширува дишните патишта со цел да се апсорбира повеќе кислород во единица време. Релаксација се јавува и на ткивата од скелетните мускули со цел да се овозможи побрза и посилна контракција на мускулните влакна. Кортизолот пак фокусот го задржува на хомоестазната концентрација на шеќер во крвта. Оваа хомоестазно ниво на шеќер, кортизолот преку посебни биохемиски процеси предизвикува да го зголеми истото. Шеќерот кој се ослободува во крвотокот првичо се црпи од резервнот шеќер во црниот дроб. Потоа преку процесот наречен глуконеогенеза, со помош на глицеролот (разграден од масните клетки), млечната киселина (добиена како отпаден продукт од веќе искористената оксидираната гликоза) и одредени амино киселини, се создава шеќер кој веднаш се ослободува во крвотокот. Зголемувањето на шеќерот во крвта се прави со цел да се обезбеди доволно шеќер на дофат за потребата на скелетните мускули и мозокот, за да бидат спремни да работат “со полна пареа“. Исто така стрес хормоните дејствуваат на блокирање на соодветни рецептори во поедините системи на човечкиот организам како што се имунолошкиот систем и дигестивниот систем, со цел да се потисне нивната функционалност. Со ваквото спречување на работа на овие системи, на централниот нервен систем му се овозможува повеќе “простор“, односно можност за негов поголем фокус кон справување со веќе настаната стресна ситуација.

Покрај стрес хормоните, при конзумирање на кофеин, односно при стимулирање на централниот нервен систем, во хипоталамусот се намалува излачувањето на антидиуретичкиот хормон (antidiuretec hormone – ADH)  или вазопресин (vasopressin). Овој хормон се складира во хипофизата и има улога да ја контролира задршката (ретенцијата) на вода во крвта. При намалено ниво на ADH во крвта, нивото на вода се намалува. Ваквата реакција на централниот нервен систем, предизвикана од зголемениот степен на будност (стресот), се прави со цел да се спречи што е можно повеќе зголемување на крвниот притисок, кој при стресната ситуација се стреми на зголемување на истиот поради стеснатите крвни садови и зголемената концентрација на шеќер.

Со зголемување на степенот на будноста на мозокот, покрај стрес хормоните и антидиуретичкиот хормон, се зголемува и излачувањето на одредени невротрансмитери од мозокот. Како побитни ќе ги напоменам допаминот (dopamine), серотонинот (serotonin) и ацетилхолинот (acetylcholine), кои соодветно придонесуваат за наше задоволство, расположение и подобрена способност за учење. Овие невротрансмитери се стимулираат пропорционално со степенот на будност. Но не се препорачува зголемување на дозата на кофеин само за да ги добиеме овие ефекти. Откако ќе помине дејството на кофеинот, преку сложен биохемиски регулаторен механизам, хомоестазната концентрацијата на аденозин, вазопресин, допамин, серотонин и ацетохолин се намалува, при што ние стануваме зависни од кофеинот. Ова намалено ниво на концентрација на споменатите невротрансмитери е пропратено со многу несакани ефекти како што се отежнатата способност за учење, намалена меморија, намалено расположение, вознемиреност, поспаност, депресија, … Заради ова се препорачува конзумирање на кофеин во минимални дози (50-150mg кофеин или една шоља кафе) и тоа само во одредени моменти во кои имаме некаква итна потреба да го дадеме најдоброто од нас.

Е сега, кога веќе знаеме кои хормони се стимулираат со внесувањето на кофеинот во нашиот организам и кои се ефектите од истите, веднаш може да се заклучи дека кофеинот е дрога со која се имитира стресна ситуација, односно лажна дојава до мозокот за стрес.

Во денешно време дали преку кафето или преку било каков напиток кој содржи кофеин, истиот го конзумира скоро секој возрасен, но вистината е во тоа дека не се препорачува земање на вакви напитоци без консултација со докажано стручно лице или доктор. Овој стимуланс може да биде доста опасен по здравјето на човекот доколку се конзумира несоодветно. Бидете уверени дека многу чести се лицата кои го загубиле или скратиле нивниот животен век поради несоодветниот внес на овој стимуланс на директен или индиректен начин. Битно е да се знае дека конзимурање на кофеинот се препорачува само за лица во одлична здраствена состојба и тоа во строго одредени моменти и во строго одредени дози. Тука спаѓаат моментите кога нам ни е потребно да останеме будни, односно кога сакаме нашето тело да остане во функција дополнително уште неколку часа од нормалното време за спиење. Друг препорачлив момент на конзумирање на кофеин е тогаш кога имаме потреба од зголемување на нашите психофизички перформанси или да добиеме “состојба на супериорност“. Ваква потреба се јавува во клучни моменти во спортовите кога сакаме да ги подобриме нашите психофизички перформанси за да може да го дадеме најдоброто од себе си, како и многу други моменти каде стимулираната супериорност би ни помогнала да постигнеме нешто кое би не направило нас за одреден степен да се чувствуваме посреќни, позадоволни, посмирени или посигурни. Овие моменти треба да бидат што поретки, бидејќи со секој внес на кофеин (caffeine) нашиот организам одговара соодветно како на стресна ситуација, а со секој одговор на стресна ситуација пак, човечкиот организам се троши, односно му се намалува животниот век.

Кофеинот е најупотребуваниот стимуланс кој се користи како состојка во спортската суплементација. Особено е најголема неговата примена во бодибилдингот и фитнесот каде е основна состојка во pre-workout формулите.

InsightFoundry

InsightFoundry

Leave a Replay

Sign up for our Newsletter

Click edit button to change this text. Lorem ipsum dolor sit amet, consectetur adipiscing elit

X