Гангрената (gangrene) претставува умирање на телесните ткива од човечкиот организам поради недостаток на доток на крв во истите. Може да се јави на било кој дел од телото, но обично започнува од рацете, прстите на рацете, стапалата и прстите на нозете (екстремитетите). Но зошто гангрената започнува да се шири од екстремитетите? На прстите од нозете и рацете крвниот притисок е најнизок бидејќи ткивата од овие делови (вдолж артериите) се најмногу оддалечени од срцето. Според тоа протокот низ капиларите од овие ткива е најнизок, па соодветно на тоа шансите за запирање на дотокот на крв во овие ткива и развој на гангрената се големи. И мозочниот удар и срцевиот удар е еден вид на гангрена, но сепак овие два случаеви се одвоени како посебни итни медицински случаеви каде смрт на ткивата се јавува во мозокот и срцето (соодветно), со кои телото не може ни секунда да работи. За разлика од овие два итни медицински случаеви, гангрената се јавува на другите делови од човечкото тело, при што што смрт на организмот може да настане побавно.
Гангрената всушност е еден вид на некроза (necrosis) предизвикана од недоволен доток на крв. Тоа е така бидејќи некрозата претставува непрограмирана смрт на клетките од човечките ткива. Еден таков случај на непрограмирана смрт (не-канцерогена и не-автоимуна) е гангрената при која причината за смртта на здравите кллетки е недоволниот доток на крв кон истите. Секоја клетка за да функционира нормално и се потребни кислородот и нутриентите (аминокиселините, шеќерот и масните киселини) во некоја си задоволителна количина. Преку артериите крвта ги носи кислородните молекули и нутриентите до секоја клетка од организмот за да истите останат во живот. Но доколку од било какви причини дотокот на крв кон здрави клетки од одредено ткиво биде недоволен за да се исполни потребата од кислород и нутриенти, клетките ќе изумрат.
Во зависност од тоа дали гангрената е остварена без инфекција или со инфекција, постојат два главни типови на гангрена, и тоа:
- Сува гангрена (dry gangrene) – гангрена без инфекција;
- Влажна гангрена (wet gangrene) – гангрена со инфекција.
Сувата гангрена настанува без никаква инфекција. При овој тип на гангрена недостаток на доток на крв кон одредено ткиво може да настане поради физичка траума (повреда) или периферна артериска болест. За физичка траума се мисли на било каков надворешен физички притисок врз артериите, доволно голем за да протокот на крв кон одредено ткиво биде блокиран. Периферната артериска болест (peripheral artery disease – PAD) е стеснување на периферните артерии, односно стеснување на било која артерија која не доставува крв до мозокот и срцето. Оваа болест најчесто се јавува во нозете, а поретко во рацете, а уште поретко во останатите делови од телото (освен мозокот и срцето). Главните причини, односно ризик факторите за ваквото заболување се пушењето, дијабетесот, висок крвен притисок, висок холестерол, дебелината, итн. Овие ризик фактори влијаат директно на стеснување на артериите, но исто така влијаат и индиректно преку атеросклерозата. Атеросклерозата (atherosclerosis) претставува изградба на т.н. “плаки или плакети” на внатрешните ѕидови на артериите како резултат на оштетување на ендотелните клетки. Плаките (plaques) всушност претставуваат масни талози на внатрешните ѕидови на артериите, предизвикувајќи стврднување и стеснување на артериите. Овие масни талози – плакети се мешавини од холестерол, калциум, клеточен отпаден продукт, масти и фибрин – материјал за згрутчување на крвта.
Делот од човечкиот организам кој подлежи на сува мигрена е сув, ладен, намален – “собран“, со темена црвено-кафеава боја. Доколку гангрената еднаш се развие во некој дел од телото, ткивата од тој дел не можат да се спасат или регенерираат. Доколку делот зафатен од сувата гангрена не се отстрани хирушки (процес наречен ампутација), истиот ќе биде подлежан на само-отстранување (само-распаѓање), процес наречен автоампутација (autoamputation). Да се дозволи автоампутација без никаков третман на делот зафатен со сува гангрена не е пропорачлив бидејќи така ризикот од инфицирање на истита, односно ризикот од добивање на влажна гангрена се зголемува. За да се спречи инфицирање на сувата гангрена потребно е отстранување на зафатениот дел со операција со соодветена хигиенска нега и терапија со антибиотици, како и терапија со антикоагулантни лекови за спречување на формирање на крвни грутки.
Влажната гангрена (wet gangrene) може да се добие од истите причини како и кај сувата гангрена, но секогаш е проследена со инфекција. Исто така причина за добивање на овој тип на гангрена може да биде и самата инфекција. Делот кој е зафатен од влажната гангрена има бланширано-наизменична црвеникава и бела боја. Се нарекува влажна гангрена поради инфекцијата која предизвикува формирање на оток, гној и плускавици. Инфицираниот дел од гангрената има непријатен мирис, како и чувство на болка при допир.
Најчесто влажната (инфективната) гангрена се добива од физичка повреда како што е изгореница, исекотина, смрзнување, или било каква повреда која може да предизвика уништување на одредени ткива. Овие оштетени или изумрени ткива се поволна средина за развој на анаеробните бактерии на кои не им е потребен воздух за да преживеат. Исто така бидејќи во овие мртви ткива не циркулира крвта, нема и имунолошки одбрамбени клетки (леукоцити) со што бактеријата може слободно да расте и размножува. Овој оштетен дел всушност за бактеријата претставува “отворена врата“ за премин кон здравиот дел од организмот. Понатаму кога бактеријата ќе навлезе и во здравите ткива, таа предизвикува соодветен имунолошки одговор т.е. воспаление проследено со оток на инфицираниот дел. Отокот претставува зголемување на количината на меѓуклеточната течност во инфицираните ткива со “изливање“ на интерстицијалната течност (interstitial fluid) од артериските капилари. Интерстицијалната течност е составена од вода растворена со шеќери, соли, масни киселини, коензими, хормони, невротрансмитери, бели крвни клетки и отпадни продукти од клетки. Отокот во инфицираните ткива создава соодветен притисок врз капиларите со што се предизвикува стеснување на капиларите, односно блокирање на протокот на крв и изумирање на локалните клетки. На овој начин бактеријата ја освојува територијата на човечкиот организмот ткиво по ткиво. Понатаму гангрената се шири, при што инфекцијата лесно може да се рашири кон крвотокот и со тоа брзо да се рашири и кон други поодалечни места во телото. При ваквата раширеност на инфекцијата имунитетот започнува да оддава јак имунолошки одговор кој започнува да предизвикува штета на своите ткива и органи. Ваквата опасна состојба по живот се нарекува сепса (sepsis). Доколку не се реагира навремено сепсата може да го доведе човечкиот организам до сериозно намалување на крвниот притисок, а со тоа и брза смрт. Овој медицински итен случај се нарекува септичен шок (septic shock). Нискиот крвен притисок е резултат на големо количество на имунолошки протеини – цитокини (cytokines) кои се ослободуваат со цел да предизвикаат дилатирање (проширување) на артериските капилари од инфицираните ткива што е можно повеќе, за да се зголеми продорноста низ ѕидовите од капиларите. Со ова се овозможува поинтензивен воспалителен одговор, односно интензивно навлевање на одредени леукоцити (бели крвни клетки) во инфицираните ткива кои имаат за задача да се борат против бактеријата. Но поради зголемениот број на инфицирани ткива и проширени артериските капилари, во крвотокот се намалува волуменот на крв поради излевање на интерстицијална течност во меѓуклеточниот простор на инфицираните ткива. Имајќи предвид дека крвотокот е затворен циркулационен систем и доколку волуменот на водата е намален, во организмот се јавува низок крвен притисок доволен за да протокот на крв низ капиларите биде целосно прекинат. Според тоа ткивата ќе започнат да изумрат и да настане смрт на органзимот.
За појава на влажната (инфективната) гангрена потребна е поволна средина за равој на ананеробната бактерија, а тоа се ткива во кои дотокот на крв е блокиран или пак делумно блокиран. Зошто? Ова е така бидејќи кај ткивата во кои дотокот на крв е блокиран или намален, соодветно нема имунолошки клетки или нивниот број е драстично намален. Исто така концентрацијата на кислородот кај овие ткива е на ниско ниво, со што за анаеробните бактерии ова е поволна средина за нивен развој бидејќи можат да растат и размножуваат во средини каде нема кислород или кислородот е на ниско ниво. Овие два услова, односно намалената концентрација на имунулошки клетки и кислород се исполнети кај делумно или целосно оштетените ткива. Според ова може да се заклучи дека влажната гангрена може да се развие од нетретирана сува гангрена или од нетретирана физичка траума (повреда).
Како може да се спречи ширењето на влажната гангрена? За да се спречи ширење на влажната гангрена потребно е што побрзо отстранување на делот од телото кој е веќе зафатен (со операциски зафат – ампутација), соодветна хигиенска нега после операцијата, соодветна терапија со антибиотици, соодветна терапија со антикоагулативни лекови и по можност терапија со внесување на кислород во заразените и локалните здрави ткива т.н. хипербаричен кислороден третман. Доколку не се реагира навремено, за неколку часови или денови ќе настане септичен шок на организмот, односно смрт. За разлика од влажната гангрена, сувата гангрена се развива побавно (неколку денови или месеци) во зависност од развојот на стеснувањето на артериите, кое пак зависи од погоре наведените ризик фактори.
Покрај сувата гангрена и физичката траума, најголемите ризик фактори за добивање на влажна гангрена се дијабетесот и болести при кои имаме намален имунолошки систем. Овие фактори можат директно да влијаат во равојот на влажната гангрена. Со намален имунолошки систем нормално дека шансите за инфицирање се поголеми бидејќи имунитетот е слаб да се бори со било кој патоген (бактерија, вирус, габа). Она што е карактеристично за дијабетесот е добивањето на отворени рани т.е. чирови (diabetic ulcers) во екстримитетите, најчесто на стапалата од нозете (diabetic foot ulcers). Овие чирови се резултат на намалената осетливост на болка при било каква помала повреда. Намалената осетливост придонесува да повредите воопшто не бидат забележени од наша страна, а со тоа пак се овозможува развој на отворени рани т.н. чирови кои лесно можат да бидат инфицирани. Намалената осетливост на болка е резултат на уштетените тива од нервите поради намалениот доток на крв кон нив, кој пак е резултат на често зголеменото ниво на шеќер во крвта кое придонесува за стврднување и стеснување на капиларите. Најмногу осетливи нерви кои можат да бидат оштетени при дијабетес, се оние најоддалечените од срцето (вдолж артериите), а тоа се нервите кај стапалата од нозете и токму затоа најчеста појава на дијабетичните чирови се јавува кај стапалата од нозете.
Посебен тип на влажната гангрена е гасната гангрена (gas gangrene) и истата претставува бактериска инфекција која продуцира отровен гас во ткивата. Најчесто е предизвикана од бактеријата наречена “Clostridium perfringens“ или од други анаеробни видови бактерии кои се карактеризираат со ослободувачки отровни гасови. Инфекцијата се шири многу брзо поради ширењето на гасот кој ги зафаќа и околните здрави ткива. Затоа овој тип на гангрена се третира како итен медицински случај.