Што е нервен систем?

Share on facebook
“Човечкото тело е најкомплицираниот систем досега создаден. Колку повеќе учиме за него, толку пoголема благодарност имаме за тоа каков систем на достигнување е.“ - Bill Gates
Нервен систем - Што е тоа, Функционалност, Поделба, ...?

Нервен систем е делот од човечкото тело кој ги поврзува сите негови составни делови (клетки, ткива, органи,..) во една функционална целина. Оваа поврзаност се остварува со обработка и пренос на електрохемиски сигнали преку посебните клетки наречени неврони или нервни клетки. Нервниот систем е всушност делот од автоматиката која е одговорна за преносот и координацијата/контролата на информацијата на некој идеален/совршен “робот“, кој никогаш нема да биде во состојба да се ископира во целост. Велам “никогаш“ затоа што човекот постојано се развива и еволуира, па ние луѓето секогаш ќе бидеме “чекор“ пред роботот. Човечкото суштество е уникатно суштество по тоа што ја има способноста да се адаптира на секоја промена во животната средина. Ова значи дека при секој обид за подобрување на перформансите на роботот ние ја менуваме животната средина и врз основа на тоа нашиот организам се адаптира, односно еволуира, па  така роботот/машината останува позади нас.

Но да не навлегуваме во филозофската тема на роботизацијата и природата, да се задржеме на темата која го опишува нервниот систем кај човекот, претежно составен од посебните клетки – неврони кои имаат способност да ја процесираат и пренесуваат информацијата со просечна фреквенција од 40 и брзина од 100 . Оваа информација е всушност електрохемискиот импулс (бран) кој се формира/процесира во невронот и се пренесува од неврон до неврон, како и до останатите телесни клетки. Овој електрохемиски бран се нарекува акциски потенцијал или уште познат и како нервен импулс.

Невроните се “електрично-возбудени“ клетки кои процесираат и пренесуваат информации преку електрични и хемиски сигнали. Невроните можат да комуницираат меѓу себе и да формираат невронска мрежа. Преносот на информацијата од неврон до неврон се остварува преку структурата наречена синапса (synapse). Но исто така основна фундаментална карактеристика на овие клетки е нивната способност да комуницираат и со останатите клетки од организмот преку синапсот, при што се остварува контролата на работата на сите органи и екстремитети од човечкиот организам. Еден типичен неврон се состои од дендрити (влезови или приемници на надворешни сигнали), сома (тело на невронот или суматор/процесор на сигнали) и аксон (пренос и излез на сигналот). Сигналите добиени од соседните неврони, преку дендритите невронот ги прима истите и потоа ги сумира/обработува, односно процесира во телото (сомата). Збирниот, односно резултантниот сигнал добиен од сомата се пренесува преку аксонот до излезите наречени аксонски терминали, каде преку синапсата се пренесува сигналот до некој друг нареден неврон или пак некој друг тип на клетка од екстремитетите и органите. Аксонот всушност е делот од невронот кој го пренесува нервниот импулс (акцискиот потенсијал) до синапсот. Аксонот наликува како една “изолирана струјно проводна жица“ и истото уште се нарекува и како нервно влакно.

Нервниот систем е поделен на два основни функционални единици: централен нервен систем и периферен нервен систем.

Централниот нервен систем (central nerous system – CNS) е составен од черепен мозок и ‘рбетен мозок. Овој дел од нервниот систем се нарекува “централен“ бидејќи во него се добиваат, интегрираат и координираат информациите кои влијаат на активностите на сите делови од телото. Черепниот мозок е сместен во главата на човекот каде истиот е заштитен од черепот. ‘Рбетниот мозок е продолжен дел од черепниот мозок кој е сместен вдолж грбот, сместен во ‘рбетот и заштитен од истиот. ‘Рбетниот мозок всушност претставува еден вид “опашка“ на черепниот мозок.

Периферниот нервен систем (peripheral nervous system – PNS) е составен воглавно од нервни ткива наречени нерви, кои го поврзуваат централниот нервен систем со секој дел од телото. Нервот всушност претставува пакет/сноп од повеќе помали снопови од нервни влакна. Слична е и изведбата на денешните кабли за пренос на електричната енергија. Нервите кои го носат сигналот од централниот нервен систем до деловите на телото се наречени мотор нерви (мотор неврони), додека нервите кои го носат сигналот од телото до централниот нервен систем се нарекуваат сензор нерви (сензор неврони). Најголем дел од нервите служат за двете функции и истите се наречени мешани нерви. За разлика од централниот нервен систем, периферниот нервен систем не е заштитен од коскиното цврсто ткиво, туку истите се изложени на отрови (токсини) и механички повреди.

Периферниот нервен систем е поделен на соматски нервен систем, сензорски нервен систем и автономен нервен систем. Соматскиот нервен систем (somatic nervous system) ги пренесува сигналите од мозокот до крајните органи (како што се мускулите) и истиот е под “наша-доброволна“ контрола. Сензорскиот нервен систем (sensory nervous system) ги пренесува сигналите од сетилата, (како што се вкусот и допирот) до централниот нервен систем. Автономен нервен систем (autonomic nervous system) е “саморегулиран“ систем кој управува самостојно врз одредени делови од нашиот организам т.е. целосно или делумно влијае/дејствува врз функционирањето на органите кои не се под наша контрола или пак се многу малку под наша контрола, како што е дигестивниот систем.

Нормалната работа на совршениот нервен систем може да биде нарушена внатрешно, односно генетски при самото формирање на зиготот и надворешно преку нанесување на повреда предизвикана од животната средина. Како и да е, со текот на еволуцијата на човекот откриени се многу болести кои се дефинирани врз основа на одредено функционално нарушување на нервниот систем. Со цел да се поправат делумно или целосно нарушувањата, или пак подобри нормалната работа на нервниот систем, пронајдени се многу растенија кои во чиј состав се такви хемикалии (мали соедниненија) кои директно или индиректно предизвикуваат појава на посакуваните ефекти. Покрај растенијата, во денешно време по вештачки пат во современи лабаратории се создаваат одредени хемикалии наречени дроги, се со цел да се добијат одредени посакувани ефекти на работа на нервниот систем. Најпознатите и најмоќните дроги кои се продуцираат денес се супстанциите кои делуваат директно или индиректно на стимулирање/активирање на рецепторите (приемниците) на хемикалиите наречени невротрансмитери. Со невротрансмитерите се овозможува од неврон до неврон хемиски пренос на информацијата.

Како што напоменавме предходно, хемискиот пренос на информацијата се остварува  кај спојот на два неврони или пак спојот помеѓу невронот и обичната клетка. Целата структура на овој спој се нарекува синапса (synapse). За секој тип на невротрансмитер постои соодветен рецептор (приемник) кој откако ќе го прими соодветниот невротрансмитер се активира истиот при што се формира соодветниот нервен импулс. Во зависност од тоа дали соодветниот рецептор дејствува на зголемување на електричниот потенцијал на импулсот или на намалување на истиот, имаме два вида на невротрансмитери: стимулирачки невротрансмитери кои го зголемуваат електричниот потенцијал, односно го стимулираат позитивниот електричен потенцијал и инхибрирачки невротрансмитери кои пак го намалуваат електричниот потенцијал, односно го стимулираат негативниот електричен потенцијал. Всушност секој невротрансмитер дава слични или различни психофизички ефекти кон функционирањето на нашето тело, преку активирање на соодветниот рецептор. Како најбитни и најзастапени невротрансмитери ќе ги издвојам следниве:

  • Стимулирачки невротрансмитери: адреналин – epinephrine (невротрансмитерот на стрес), норадреналин – norepinephrine (невротрансмитер на будност), глутамат – glutamate (невротрансмитер на меморија), ацетилхолин – acetylcholine (невротрансмитерот на учење) и ендорфин – endorphins (невротрансмитерот на еуфорија)
  • Инхибрирачки невротрансмитери: серотонин – serotonin (невротрансмитер на расположение), ГАБА – gamma aminobutyric acid (невротрансмитер на смирување) и допамин – dopamine (невротрансмитер на задоволство).

Недостаток или вишок на овие невротрансмитери се одразува на соодветно ненормално функционирање на човечкиот организам од каде што произлегуваат разновидни болести. Но исто така пак во денешно време се создаваат синтетички супстанции – дроги кои можат да ги емитираат овие невротрансмитери и да дејствуваат на активирање на соодветните рецептори. Или пак соединенија кои можат да блокираат одредени рецептори и да дејствуваат на некој посакуван ефект на индиректен начин. Некои од овие соединенија се продуцираат кај одредени растенија како што се кафето, коката, тутунот, канабис сатива, јохимбе,… Но подетално за ваквите соединенија кои имаат особина да прават “неред“ во нервниот систем образложено е во посебни содржини.

Igor Lapchev

Igor Lapchev

Leave a Replay

Sign up for our Newsletter

Click edit button to change this text. Lorem ipsum dolor sit amet, consectetur adipiscing elit

X