Menu
Мозочен удар - Што е тоа, Симптоми, Причини, Последици,...?

Што е мозочен удар?

Мозочен удар (stroke) претставува изумирање на клетките во мозокот поради намален или целосен прекин на доток на крв. Тој резултира со нефункционирање на дел од мозокот. Умирањето на клетките соодветно доведува до делумно нефункционирање на нервниот систем, а со тоа и до нефункционирање на одредени делови од човечкиот организам. Повеќе од 15% од личностите кои имале мозочен удар завршиле со смрт до првите 30 дена. Додека 15-30% од популацијата која  преживеала мозочен удар остануваат трајно инвалидни.

Знаците и симптомите може да вклучуваат оневозможеност на движење и чувствување на една страна од телото, проблеми со зборувањето и разбирањето, вртоглавица, или загуба на видот од левото или десното око. Знаците и симптомите се јавуваат веднаш по појавата на мозочниот удар. Доколку симптомите траат помалку од еден или два часа се работи за мини-мозочен удар или минлив исхемичен напад (transient ischemic attack – TIA). Постојат два типа на мозочен удар и тоа:

  • Исхемички мозочен удар (ischemic stroke), поради нестаток на проток на крв;
  • Хеморагичен мозочен удар (hemorrhagic stroke), поради крварење.

Исхемички мозочен удар се јавува кога доставата на крв до некој дел од мозокот е намалена или прекината, при што ткивото во тој дел од мозокот престанува да функционира. Околу 85% од мозочните удари кои се јавувуваат се од овој тип. Артериите, односно крвните садови кои ја носат крвта до клетките се се потесни и потесни кон клетките, па затоа крвните грутки или други материјали лесно можат да го блокираат – “затнат“ или пак намалат дотокот на крв кон клетките. Бидејќи секоја клетка е непрекинато зависна од кислородот и хранливите материи, оние клетки за кој е целосно прекинат дотокот на крв веднаш изумираат. Колкав дел од мозокот, односно колку ткива ќе бидат оштетени при исхемичкиот мозочен удар зависи од тоа каде е настанато запушувањето на артериите во делот од вратот и главата. Доколку запушувањето е настанато во некои од поглавните артерии кои опфаќаат поголем дел од ткивата во мозокот, штетата е поголема. Доколку запушувањето е настанато некаде поблиску до ткивата и клетките од мозокот, штетата ќе биде помала бидејќи овде артериите опфаќаат помал дел од ткивата.

Овој тип на мозочен удар е тесно поврзан со атеросклероза (atherosclerosis), која претставува стеснување и стврднување на артериите поради талози. Овие талози се нарекуваат “плакети“ или “плаки“ и истите се формираат од холестерол, калциум, клеточен отпаден продукт, масти и фибрин – материјал за згрутчување на крвта.  Поради ваквото можно стеснување на артериите во делот од мозокот, протокот на крв кон ткивата може да се намали драстично. Вака намалениот проток на крв станува недоволен за клетките од мозокот, кои пак за да преживеат бараат поголема брзина на достава (проток) на кислород и хранливи материи до нив. Соодветно на тоа клетките полека изумираат. Со ваквото стеснување, односно делумно запушување на артериите во делот од главата и вратот (мини-мозочен удар) лесно може да се избегне опасен мозочен удар кој може да доведе до парализа на целосен или одреден дел од телото, или пак да настане целосна нефункционалност на човечкото тело, односно смрт. Опасниот/смртоносниот исхемички мозочен удар настанува кога местото каде што е стесната артеријата, целосно се блокира со тромб (thrombus) или емболус (embolus). Тромбот претставува крвна грутка која се формира на истото место каде што е настаната атеросклерозата и каде што прави блокада/запушување на артериата. Емболусот пак може да биде крвна грутка (тромбоемболија), масна капка, меур од воздух или друг гас, надворешен материјал или било каков материјал кој може да предизвика мозочен удар. Но емболусот за разлика од тромбот не се формира на истото место каде што ќе направи блокада, туку истиот се формира на друго место и циркулира слободно во крвниот систем.

Во зависност од тоа дали мозочниот удар, односно запушувањето на артерија во делот од главата и вратот е предизвикан со тромб или емболус, соодветно исхемичкиот мозочен удар може да биде поделен на два главни типа: тромботичен (thrombotic stroke) и емболичен (embolic stroke). Кај тромботичниот мозочен удар тромбот е формиран локално во мозокот, додека кај емболичниот мозочен удар емболусот се формира вон мозокот и тоа најчесто во срцето, нозете и градите. Но заедничко е тоа дека и тромбот и емболусот можат да предизвикаат блокирање на протокот на крв во артериите локално во мозокот (кај главата или вртатот).

Хеморагичен мозочен удар (хеморагија/излив) претставува крварење некаде во мозокот, односно истекување (излив) на крв (од крвните садови) во ткивата од мозокот, при што се јавува притисок врз клетките кој истите ги оштетува/уништува. Овој тип на мозочен удар уште се нарекува и како: “излив на мозокот“ или “крварење во мозокот“. Излив на мозокот е поредок случај каде само 15% од мозочните удари се од овој тип, но 40% пак од мозочните удари кои завршиле со смрт се хеморагични. Постојат два типа на хеморагичен мозочен удар: интрацеребрална хемораргија (intracerebral hemorrhage) и субарахноидална хемораргија (subarachnoid hemorrhage).

Интрацеребралната хемораргија претставува пукање на крвен сад некаде во внатрешноста од мозокот, при што крвта истекува во ткивата наоколу. Крварењето предизвикува појава на притисок во клетките од мозокот, а со тоа и да изумрат. Причина за појава на овој тип на мозочен удар е високиот крвен притисок и стареењето на крвните садови. Понекогаш причината за интерцеребралниот излив на мозокот е ослабена конекција/врска помеѓу артериите и вените , кои лесно можат да предизвикаат пукање на капиларите, односно истекување на крвта. Причините за оваа појава е непозната, но се претпоставува дека е генетски фактор.

Субарахноидалната хемораргија претставува излив на крвта некаде во субарахноидалниот простор (околу периферијата на мозокот), одосно во средната мембрана која го опкружува мозокот (вкупно се три). Карактеристично за ова крварење е аневризмата (aneurysm) која претставува формирање на т.н. “балончиња/отоци“ во крвните садови или проширување на крвните садови. Доколку не се интервенира навремено при формирањето на овие отоци, лесно може да настане пукање на истите, а со тоа да настане крварење/излив на мозокот. Ваквото проширување (аневризмата) кај човекот има тенденција да се јави во субарахноидалниот простор, а се јавува заради ослабени ѕидови во крвните садови. Ослабени ѕидови пак може да се појават како резултат на некој генетски фактор, висок крвен притисок и стареење. Излив на мозокот во овој дел може да се јави и поради физичка повреда на главата, при која настанува повреда на некој крвен сад, а со тоа и прскање/пукање на истиот.

Share this Post!
About the Author : Igor Lapchev
0 Comment

Leave a Comment

Your email address will not be published.