Menu
Имунолошки систем т.е. Имунитет - Што е тоа и како дејствува?

Што претставува имунолошкиот систем?

Имунитет или имунолошки систем кај човекот претставува збир од посебни клетки, ткива, протеини, органи и жлезди кои имаат за задача да го штитат човекот од разни инфективни заболувања или инфекции. Тоа значи дека имунитетот не може да се бори со било какво заболување, туку тој е создаден за да се бори само со болестите предизвикани од некоја инфекција т.е. да се бори против инфекциите. Многумина мислат дека имунитетот работи против секоја болест и врз основа на тоа нереално мислење се создаваат секакви ставови кои индиректно или директно се користи за рекламирање на некаков производ или услуга. Затоа, многу битно е секој од нас да биде воглавно свесен за функционалоста на нашиот имунитет. Но за да ни стане појасна погоре-споменатата дефиниција за имунолошки систем, потребно е да знаеме што се тоа инфективни заболувања или инфекции.

Инфекцијата претставува напад (инвазија) и размножување на микроорганизми кои не припаѓаат во нашиот организам. Доколку е нападната одредена клетка, ткиво, орган или дел од организмот, тогаш велиме дека соодветната клетка, ткиво, орган или дел од организам е инфициран. Оние микроорганизми кои имаат способост да предизвикаат болести се нарекуваат патогени, а тоа најчесто се бактериите, вирусите, габите и паразитите.  Но на кој начин овие микроорганизми предизвикуваат болести кај човекот? Ако патогените навлезат во нашиот организам, тие можат делумно или целосно да ги оштетат (убијат) здравите клетките на тој начин што ослободуваат/испуштаат разновидни токсини или отрови. Овие токсини можат да делуваат и на уништување на поедините делови – “механизмот“ на клетките, при што на истите им се блокира вродената функционалност (се парализираат), или напротив може да ја изменат функционалноста на клетките во корист на болеста, односно патогенот.

Од досега кажаното можеме да кажеме дека имунитет во нашиот организам претставува одбрана од туѓи супстанции кои можат да предизвикаат болест, односно хомоестазно пореметување во нашиот организам.

Имунолошкиот (одбрамбениот) систем кај човекот функционира, односно дејствува преку два система и тоа:

  • Вроден имунолошки систем (неспецифичен)
  • Стекнат/Адаптивен имунолошки систем (специфичен)

Ова се всушност два вида на одбрамбени одговори или “војска“, при кои во првата одбрамбена линија е поставен вродениот имунитет, додека во втора одбрамбена линија е поставен адаптивниот имунитет.

Вродениот имунолошки систем е оној систем кој во нашиот организам е развиен и поставен со самото наше раѓање. Еден дел од овој систем е секогаш активен – “вклучен“ за борба против патогените и истиот претставува еден вид бариера (ѕид) која секогаш настојува да не навлезе патогенот (напаѓачот) во нашиот организам (територија). Другиот дел од вродениот имунитет се активира непосредно откако успее патоген да навлезе во нашиот организам. Вродениот имунитет се бори против сите видови на патогени, тој не ги разликува истите, туку единствено само знае дека доколку некој патоген навлезе во организмот, истиот треба да го најде, фате и убие. Поради ваквото “неспецифично“ делување на вродениот имунитет, истиот уште се нарекува и како неспецифичен вроден имунитет.

Доколку патогенот успее да “завладее“, односно да инфицира некоја клетка или ткиво тогаш во организмот – домаќин се активира адаптивниот имунолошки систем  или втората одбрамбена линија на војска. Но за да овој имунолошки систем дејствува потив патогенот кој ја предизвикал инфекцијата, потебно е истот првично да се развие таков за да дејствува специфично на соодветниот тип на микроорганизам. Затоа и овој дел од имунитетот се нарекува специфичен. За разлика од вродениот имун одговор кој дејствува веднаш по навлегувањето на напаѓачот во нашиот организам, адаптивниот (стекнатиот) имун одговор може да потрае и до 2 недели за целосно отстранување и уништување на напаѓачот. За да се развие, односно постави овој систем потребни се најчесто 4 до 7 дена од инфицирањето. Исто така овој имун одговор се карактеризира со повисока моќност на делување против патогенот – напаѓач.

При развивање на специфичниот одговор кој е дизајниран и прилагоден според типот на патогенот, се формира и имунолошката меморија која има за цел да го памти соодветниот тип на патоген и доколку во иднина организмот – домаќин биде повторно нападнат од истиот тип на микроорганизам, имунитетот треба да даде соодветен, брз и моќен одговор кон напаѓачите. Постапката при која во организмот – домаќин се инјектираат одредени делумно уништени патогени или делови од нив кои не се во можност да наштетат на организмот, со цел да се предизвика во организмот формирање на соодветен адаптивен имунолошки одговор и при која се формира соодветната имунолошка меморија се нарекува вакцинација. Вакцинацијата е воведена со цел да се избегнат одредени опасни инфективни заболувања.

Share this Post!
About the Author : Igor Lapchev
0 Comment

Leave a Comment

Your email address will not be published.