Menu
Вроден (природен) имунолошки систем - Што е тоа?

Вроден имунолошки систем

Имунолошкиот систем или имунитетот кај човекот работи преку два система: вроден имунoлошки систем (innate immunity) и адаптивен имунолошки систем (adaptive immunity). При напаѓање на човечкиот организам од некоја супстанција или микроорганизам кој/а не припаѓа на организмот домаќин, прво се активира вродениот (неспецифичниот) имунолошки систем. Вродениот имунитет е дел од нас уште од самото раѓање и е секогаш присутен во нас, додека адаптивниот се стекнува/создава секогаш кога нашиот организам е нападнат од непознати туѓи микроорганизми – патогени кои можат да предизвикаат разни зболувања. Овој систем се состои од два подсистема од кои едниот е секогаш активен – “вклучен“ или секогаш спремен да си ја врши својата работа, додека другиот се активира или “вклучува“ непосредно по самото навлегување на патогенот – напаѓач во организмот домаќин.

Првиот подсистем на вродениот имунитет кој е секогаш активен – “вклучен“ се сотои од два дела, и тоа: бариера и комплемент систем.  Дејството на бариерата всушност претставува еден вид “одбрамбен ѕид“ кој/а секогаш настојува да спречи навлегување на страното тело во организмот домаќин. Бариерата во имунолошкиот систем ја сочинуваат: кожата (skin), слузницата (mucosa), желудочен сок или желудочна/стомачна киселина (gastric juice/gasrtic acid/stomach acid), епителните клетки (epithelial cells) и корисната бактерија – нормална флора (normal flora bacteria). Овие “бариери“ треба да ги убијат патогените и спречат нивно навлегување во нашиот организам кое може да предизвика инфекција. Но доколку напаѓачот успее да навлезе во организмот и покрај овие “стапици – бариери“, тогаш непосредно се вклучува/активира вториот подсистем од вродениот имунитет.  Овој подсистем е активиран и контролиран од страна на комплементот (комплемент систем), преку испуштање или емитирање на посебни хемикалии составени од мали “компплемент протеини“. Овие честички – хемикалии таргетираат до клетките кои се одредени да го дадат непосредниот одговор на вродениот имунитет. Може да се каже дека комплемент системот го активира непосредниот одговор на вродениот имунитет.

Непосредниот одговор на имунитетот е всушност воспалението кое ни ја дава интеракцијата помеѓу инфекцијата и одбраната на имунитетот против самата инфекција. Оваа борба помеѓу домаќинот и напаѓачот е проследена со четири основни симптоми, и тоа: оток, црвенило, топлина и болка.

При напаѓање на микроорганизмите во организмот, односно при нивно пробивање низ бариерата, комплемент системот кој што е секогаш присутен и спремен, преку сложен биохемиски процес ги активира и контролира одредени леукоцити (бели крвни клетки) да ги уништуваат (убиваат) патогените, оштетените клетки и изумрените клетки. Во овие леукоцити спаѓаат фагоцитите (phagocytes) и клетките убијци (NK cells). Фагоцитите ги уништуваат патогените преку фагоцитоза т.е. со “голтање/јадење“ на патогените,  додека клетките убијци ги уништуваат микроорганизмите со испуштање на посебни хемикалии кои предизвикуваат смртоносно-уништувачки за соодветниот таргет кој може да биде патоген, оштетена клетка или мртва клетка. Но зошто се јавуваат четирите симптоми при воспаление, односно што поточно се случува?

Кога одредена област/ткиво е инфицирана (нападната) од непознат напаѓач – патоген, она што комплемент системот првично го прави е:

  • “маркирање“ – одбележување на патогените, оштетените и мртвите клетки за нивно уништување;
  • “дилатирање“ – проширување на крвните садови (артериите) во инфицираната област;
  • “привлекување“ – повикување/стимулирање на леукоцитите од крвотокот да преминат во инфицираната област и воедно да се преобразат во фагоцити.

Дилатацијата на артериите се прави со цел да се зголеми пропсуливоста на ѕидовите на артериите за да се повлече што поголема количина на интрацелуларна течност во оштетеното ткиво, а со тоа и поголем број на бели крвни клетки (леукоцити) кои добиваат особини на фагоцити, како и поголем број на комплемент протеини. Вака зголемениот број на фагоцити, заедно со клетките убијци се борат против патогените за нивно уништување. Од ваквата мешавина на фагоцити и изумрени клетки се формира т.н. “гној“. Поради зголемениот волумен на ткивото се формира оток и црвенило, а бидејќи зголемената количина на течност притиска на рецепторите за болка, се јавува и соодветно чувството на болка.

Уште еден многу важен симптом кој се јавува при воспаление е топлината, односно привремено зголемената телесна температура (fever – треска/температура). Треската е предизвикана од малите протеини кои се емитираат од фагоцитите наречени cytokines (цитокини). Овие протеини, фагоцитите ги испуштаат со цел да им се помогне во нивната борба против патогените. Тоа се овозможува на тој начин што цитокините дејствуваат на централниот нервен систем т.е. на хипоталамусот, идитирачки (предизвикувачки) да даде соодветни команди на зголемување на температурата во организмот. При зголемена температура во организмот патогените не можат да се размножуваат, движењата им се побавни и исто така им се оневозможува испуштање на отрови во организмот. Зголемената температура се остварува со контракција – стеснување на периферните крвни садови (намалување на загубите на топлина) и зголеменото производство на топлина во организмот. Привремената покачена темпераура во нашиот организам или уште позната како “треска“ е всушност непријатен симптом кој ни укажува дека во нашиот организам е настанато некое воспаление, па истиот се бори против патогените или надворешните организми кои штотуку го нападнале нашиот организам.

Покрај воспалението, како дел од непосреден одговор на вродениот (неспецифичниот) имунитет е активирањето на антиген-презентирачките клетки (antigen-presenting cells). Како и фагоцитите, овие клетки се активират и контролират од страна на комплемент системот. Антиген-презентирачките клетки се дел од адаптивниот (специфичниот) имунитет, но нивното активирање од страна на комплементот е дел од вродениот имунитет. Овие клетки се леукоцити кои имаат за задача да им го презентираат антигенот на адаптивниот имунолошки систем со цел да создаде соодвени антитела кои ќе бидат во состојба специфично да делуваат на одереден тип на патоген. Антигенот е протеин кој се наоѓа на површината на патогенот и истиот го декларира типот на патогенот, додека антителото е протеин кој е специфично создаден да се залепи/закачи на соодветниот антиген, а со тоа и на соодветниот патоген и притоа ефикасно и брзо да овозможи уништување на патогенот. Овде битно е да се запомни дека, активирањето на антиген-презентирачките клетки е дел од непосредениот одговор на вродениот имунолошки систем (неспецифичниот имунитет).

Може да се заклучи дека вродениот имунолошки систем има за задача да се бори против секакви патогени  и паралелно да го активира адаптивниот имунолошки систем кој пак има за задача да стекне/развие соодветна способност која ќе делува специфично и моќно против соодветниот тип на патоген. Создадената специфична способност останува во меморија и доколку организмот домаќин биде повторно нападнат од истиот тип на патогени – напаѓачи, истите ќе бидат брзо и ефикасно уништени.

И бариерата и комплементот се секогаш спремни – “вклучени“ за борбата против надворешните напаѓачи. Симболички може да се каже дека комплемент протеините представуваат еден вид на гласници/известувачи во едно царство (организам – домаќин), кои доколку непознати напаѓачи (микроорганизми – патогени) пробијат низ ѕидовите (бариерите), треба да ја известат војската дека територијата (организмот) е нападната и потребно е истите (војската) што е можно побрзо да си ја извршат должноста т.е. да ги најдат, фатат и убијат непознатите напаѓачи.

Share this Post!
About the Author : Igor Lapchev
0 Comment

Leave a Comment

Your email address will not be published.